Младиот српски напаѓач Шапоњиќ и официјално нов член на Атлетико Мадрид

Едно од најголемите трансфер-изненадувања ова лето е преминот на младиот српски интернационалец Иван Шапоњиќ во редовите на Атлетико Мадрид. 

Ако некои не веруваа во овој трансфер, денес шпанскиот гигант го претстави Шапоњиќ на „Ванда Метрополитано“, а младиот напаѓач изјави дека сонот му се остварил многу побрзо отколку што очекувал. 

„Прво што сакам да кажам е дека сонот ми се оствари, и тоа порано од очекуваното. Дојдов во голем клуб, клуб со историја, традиција и светла иднина. Чест ми е што ќе работам под команда на Симеоне и ветувам дека ќе дадам сè максимум за нови победи на тимот“, рече 21-годишниот Србин. 

Шапоњиќ во редовите на Атлетико доаѓа од Бенфика, каде што во претходниве три години настапуваше за тимот Б на португалскиот првак без да добие прилика меѓу сениорите.