• Горан Упале
Македонскиот младински репрезентативец до 17 години Матео Кесиќ има нов клуб и кариерата ќе ја продолжи во Јединство Уб, клуб чиј сопственик е легендарниот српски фудбалер Немања Матиќ.
Младиот дефанзивец во српскиот второлигаш се сели од редовите на Бродарац, за кого настапуваше во тимот од 19 години. Сега направи чекор напред и ќе се бори за прволигашки статус во сениорска конкуренција.
„Нашата одбрана е побогата со уште еден млад и надежен дефанзивец. Нов член на клубот е Матео Кесиќ, репрезентативец на Македонија до 17 години. Од првиот ден во клубот истакна дека се чувствува како дома, нагласувајќи ја силната поврзаност и заедништво која преовладува меѓу играчите“, стои во објавата на клубот.
Инаку, некогашниот член на Брера, кој потекнува од фудбалската школа Некс Левел, со Јединство потпиша договор на три години.
