• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година ја прекина црната низа и вторпат во овој циклус ја победи Ерменија У21, овој пат во Ереван со резултат 2-0 (1-0), во осмиот меч од групната фаза.
- Извештај од натпреварот:
Тимот на Горан Станиќ беше поквалитетен ривал и заслужено се радува на победата. По еден гол Македонија У21 постигна во двете полувремиња, за втора победа во квалификациите, или прва по четири порази во низа.
Уште од почетокот Македонија тргна офанзивно, имаше шанса Трајков во седмата минута, но голманот Матинјан го одбрани неговиот обид. Потоа имаше мал проблем за селекторот Станиќ, затоа што Дураков се повреди, на негово место влезе Ѓоргиевски. И баш тој Мартин Ѓоргиевски, донесе предност за Македонија пред полувремето по една пропуштена шанса од Ерменците. Пред крајот на првиот дел, Крмзјан го фаулира Данев, а сигурен пеналџија беше Ѓоргиевски за 0-1 за Македонија на паузата. Ова беше прв гол за Македонија У21 по 300 минутен пост.
Во вториот дел Ерменија се обиде да игра нешто поофанзивно, но не можеше да го пробие одбранбениот бедем. Моментот на одлука на мечот настана во 76. минута кога Хамза го проигра Љатифи, а тој ја искористи својата брзина и со продор од средината на теренот, па се до голот на Ерменците, успеа да погоди за 0-2, што беше и конечниот резултат. Пред финишот Ерменија можеше да го намали поразот, но работата си ја заврши голманот Џеков.
Македонија У21 го продолжува циклусот во октомври, кога се соочува со Црна Гора во Скопје.


