Младеновски: Бевме совршени со Ерменија, радува првата победа

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година ја забележа првата победа во квалификациите за Европското првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2023 година. Пред тимот на Драги Канатларовски падна Ерменија (1-2), а мечот го коментира Марио Младеновски.

Дефанзивецот на Македонија кажа дека зад овој тим се две тешки гостински средби. Триумфот над Ерменија радува, а останува жал за неискористената можност да се победи и кај Фарските Острови.

„Одигравме два тешки гостински натпревари. Имаме еден нерешен и една победа. Сите играчи добивме шанса и го дадовме максумумот. На двете средби бевме фаворити, но среќата не беше на наша страна во првиот дуел со Фарски Острови и жалиме за тоа. Затоа, во вториот дуел со Ерменија бевме совршени и заслужено дојдовме до победа. Не очекуваат уште тешки натпревари до крајот на квалификациите во кои ќе се стремиме кон победа и како и секогаш ќе играме максимално ангажирано во дресот со државниот грб“, изјави Младеновски.

Македонија сега е на делба на третото место во групата и по четири одиграни натпревари има пет освоени бода, со една победа, две ремија и еден пораз од фаворизираната Франција.