ФОТО: Млада Болеслав е освојувач на Купот на Чешка

Фудбалерите на Млада Болеслав се освојувачи на титулата од Купот на Чешка. Во финалниот натпревар на стадионот во Теплице пред само 2.500 гледачи, Млада Болеслав со 2-0 (0-0) беше подобра од Јаблонец и на крајот го славеше значајниот трофеј. 

Денешното финале во целиот тек на натпреварот беше изедначено, со скоро ист посед на топка од двете страни. Во првиот дел и двете екипи упатија по три директни удари кон противничките голмани, но мрежите мируваа и на одмор се замина со 0-0.

Во вториот дел фудбалерите на Млада Болеслав, за нијанса беа поконкретни и како резултат на тоа стигнаа и двата гола, во само три минути. Најпрво поведоа со 1-0, откако стрелец на голот беше Храмостра во 71. минута. Три минути подоцна веќе беше 2-0, по голот на Шук, што на крајот се покажа како конечен резултат.

За Млада Болеслав денешниот трофеј е нивни втор во Купот на Чешка. Првиот го освоија во 2011 година, додека за фудбалерите на Јаблонец, кои го играа своето седмо финале, денешниот пораз е нивни петти во финалните натпревари. Најуспешна е екипата на Спарта Прага со пет трофеи.