Митровски: Оваа генерација ветува, на чело со голем човек како Милевски

Димитар Митровски беше стрелец на хет-трик за Македонија У21, во убедливата победа над Фарски Острови (7-1).

По дуелот, фудбалерот на Спортинг Лисабон имаше пофалби за својот тим и за стручниот штаб на чело со Благоја Милевски, за добрата поставеност и координираност на теренот, со исклучок на воведните минути кога се прими гол.

„Не бевме задоволни како стартувавме, со кикс-гол. Но, добро беше што се вративме и што брзо направивме пресврт. Потоа следеа уште голови и голема разлика. Среќни сме за победата и оваа година мора да бидеме многу подобри отколку лани. Мислам дека имаме шанси да играме на ЕП. Сепак, ова е истата генерација од У19, збогатена со Благоја Милевски, кој е одличен човек и одичен тренер. Сакаме сите да одиме по ист пат како на овој меч и понатаму и да победуваме во секој натпревар. Ова е само почеток, само прв меч, мора да бидеме претпазливи“, изјави Митровски.

За младиот фудбалер ова е втор хет-трик во У21-тимот, по дуелот со Гибралтар во ланскиот квалификациски циклус кога Македонија У21 славеше со убедливи 6-1.