Митровски мета на нов клуб – го урива трансфер-рекордот за да го добие!?

Македонскиот репрезентативец Димитар Митровски го чека бурно лето. Играчот во Вараждин ја имаше најдобрата сезона во кариерата и веројатно ќе има нов клуб. Се споменуваше Динамо Загреб, а странската опција е Словенија.

Најголемото откритие на пролетниот дел од сезоната во тимот на Вараждин, македонскиот крилен напаѓач Димитар Митровски, наводно е еден од приоритетните трансфер цели на новиот спортски директор на Олимпија Љубљана, Горан Боромиша.

Според хрватските и словенечките медиуми, актуелниот првак на Словенија е подготвен да плати отштета од дури еден милион евра за услугите на Митровски – што би претставувало најскапиот трансфер во историјата на словенечкиот фудбал. Досегашниот рекорд го држи трансферот на Блесинг Елеке, за кого Олимпија во времето на Милан Мандариќ исплатила 800.000 евра, пишува Ekipa24.si.

Митровски одигра извонредно во вториот дел од сезоната, беше лидер на Вараждин и имаше клучна улога во освојувањето на четвртото место, кое обезбеди пласман во европските квалификации. Со неговата брзина, дриблинг и офанзивна ефикасност, стана незаменлив дел од тимот на тренерот Шафариќ.

Олимпија, која како шампион ќе настапи во квалификациите за Лигата на шампионите, најавува значајни промени во ростерот летово – со повеќе влезни и излезни трансфери. Доколку трансферот на Митровски се реализира, тоа ќе биде голем исчекор не само за клубот туку и за македонскиот фудбалер.

ФОТО: NK Varaždin / Facebook

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.