Митко Стојковски во идеалниот тим на Ц. Звезда на Станковиќ

Некогашниот македонски фудбалер Митко Стојковски доби место во идеалниот тим на Црвена Звезда составен од соиграчи на екс-играчот на „црвено-белите“ Јован Станковиќ.

49-годишникот го одбра Стојковски меѓу најдобрите, а ја образложи и одлуката. Истакна дека можеби е изненадување неговото присуство во тимот, арно ама треба да се биде свесен дека ако Стојковски се форсирал на лев бек, ќе имал уште поголема кариера.

„Можеби е изненадување што го избрав Стојковски во конкуренција на Ковачевиќ, Петковиќ, Ѓоровиќ и Ивиќ. Но, Македонецот беше врвен лев бек и ако сите тренери го форсираа на таа позиција ќе имаше уште поголема кариера. Во Црвена Звезда веднаш го играа како стопер. Љупко во 100. дерби со Партизан го врати како лев бек, па Стојковски беше најдобар на натпреварот. Изнуди пенал за изедначување, па потоа го даде и победничкиот гол. Овеидо го купи како бек, ама не се снајде затоа што не долго играше на својата природна позиција“, вели Станковиќ.

Митко Стојковски играше за Црвена Звезда од 1991 до 1995 година, а покрај за белграѓани во кариерата беше дел и од Пелистер, Овиедо и Штутгарт. За репрезентацијата на Македонија битолчанецот одигра 28 натпревари и даде пет гола.