Митко Стојковски: Една повреда ми го уништи сонот за уште посјајна кариера!

Митко Стојковски беше вистински виртуоз на теренот, ама честите повреди го натераа да ја заврши кариерата порано од предвиденото. Битолчанецот во интервју за „Спортски журнал“ од Србија говореше за кариерата, за што тој прави по крајот на истата, како и за амбициите во иднина.

Стојковски заврши со фудбалот во 2001 година. Моментално не е во фудбалот, но вели дека никогаш не раскрстил во целост со него.

„По крајот на играчката кариера во 2001 година положив за тренерска лиценца. Година дена бев тренер и видов дека тоа е многу тешка и нервозна професија, со чести и напорни патувања. Пресеков, прифатив да бидам спортски директор на Пелистер и таму бев до 2008 година. Организациските проблеми, недостатокот на финансии, неповолниот период за личен и клупски напредок, ме натераа со Тони Мицевски да отвориме фирма, се работи за градежништво. Којзнае, можеби еден ден ќе се вратам во Пелистер или ќе бидам дел од Фудбалската федерација“, вели Стојковски.

Битолчанецот кој има 48 години потенцира дека тешката повреда со која се здобил на стартот на авантурата на Црвена Звезда, кога го повредил коленото, го спречила да изгради уште посјајна кариера од актуелната.

„Имав објективни причини зошто играв пократко од сите. Имав незгодна повреда која ме спречи да направам уште посјајна кариера. Кога дојдов во Звезда, на подготовките го повредив коленото. Таа повреда десет години подоцна ми ја заврши кариерата. Тоа беа златни години, пред 30-тата година ги оставив копачките. Играв за сите млади селекции на Југославија, дојдов во Црвена Звезда веднаш по финалето во Бари, многу го сакам овој клуб и денес. „Стотото“ вечно дерби ја одбележа мојата кариера. И денес „Делиите“ ме возвишуваат поради тоа. Тој натпревар, па Купот со Пелистер, па голот за Македонија против Данска се трите најважни работи во мојата кариера“, додава Стојковски.

Дефанзивецот кариерата ја почна во 1989 година во Пелистер каде се задржа до 1991 година, а потоа следеше трансфер во Црвена Звезда во чии редови беше до 1995. Стојковски потоа настапуваше и за Реал Овиедо (1995-1997), Штутгарт (1998-2000) и пак во Пелистер, каде замина во пензија.