Мирчевски: Се надевам дека битолчани ќе ми простат за трансферот во Вардар, ќе дадам сè за Пелистер

Повратникот во Пелистер, Мартин Мирчевски, ги сподели своите први впечатоци по враќањето во матичниот клуб, испраќајќи јасна порака дека е подготвен да го даде својот максимум за експресно враќање на битолчани во Првата македонска фудбалска лига.

„Како играч, ќе го дадам својот максимум за да му помогнам на клубот повторно да расте и да се развива по вистинскиот пат. Ми се допадна проектот што ми беше претставен и верувам дека, доколку сите работиме максимално професионално, Пелистер многу брзо ќе се врати таму каде што му е местото“, рече Мирчевски.

Мирчевски се осврна и на својот поранешен трансфер во Вардар, упатувајќи искрена порака до навивачката група Чкембари и до целата битолска јавност.

„Се надевам дека навивачката група Чкембари, како и целата битолска јавност, ќе ми простат за мојот премин во Вардар. Би сакал да ставиме точка на минатото и сите заедно да се радуваме на секоја победа и на секој успех на Пелистер.“

На крајот потенцираше дека клубот секогаш мора да биде над сите поединци.

„ФК Пелистер е име, презиме и бренд во македонскиот фудбал и е поголем од сите нас. Без разлика на разочарувањата и емоциите од минатото, време е тие да останат зад нас. Нашата заедничка цел е јасна, експресно враќање во Првата македонска фудбалска лига. Само сплотени, како еден тим, можеме да ја оствариме таа цел“, заклучи Мирчевски.

29-годишниот офанзивец е првото засилување на новиот тренер на пелистерци, Борче Христов. Наскоро, во Битола треба да пристигнат уште неколку нови имиња со што ќе се комплетира ростерот за новата сезона.