Мирчевски: Добро е кога имаш некој свој во странство, чекам на старт со Жељо

Мартин Мирчевски ја напушти Србија и следна станица ќе му биде Босна и Херцеговина. Своевремено најдобриот играч во ПМФЛ, од ТСЦ Бачка Топола се пресели во босански Железничар.

Офанзивецот нема да биде единствен македонски фудбалер во екипата, затоа што таму претходно потпиша и Матеј Цветаноски. Битолчанецот потенцира дека добро е што ќе има македонско друштво, а најавува успешна сезона.

„Првите впечатоци се феноменални, слушнав многу за клубот, голем клуб и чест ми е што доаѓам во клуб кој има добри навивачи и се надевам дека оваа сезона ќе бидеме во горниот дел од табелата. Работев за време на паузата, сега ќе ми треба малку повеќе работа со тимот за да се вклопам. Јас и Матеј Цветаноски се знаеме, многу ќе ми помогне, кога си во туѓина добро е да имаш некој свој, но со сите ќе бидам најдобар. Навивачите можат да очекуваат пред се голови и асистенции, добри игри, желба за победа и борба за клубот“, изјави Мирчевски.

Мирчевски во својата досегашна кариера има настапувано за Пелисер Битола, Победа Прилеп, Беласица, Трепча, Вардар, АП Брера и ТСЦ во Србија.