Миовски: Знаеме кои се слабостите на Грузија, се надевам ќе го покажеме тоа во Тбилиси

Бојан Миовски има сезона како од бајките. Младиот македонски напаѓач летово го направи вистинскиот потег и го облече дресот на култниот шкотски клуб Абердин, каде веднаш блесна и стана миленик на домашната публика.

Но, сега пред него е нов предизвик и за првпат како член на шкотската Премиер лига ќе го облече дресот на Македонија. Нашата селекција ги игра последните два натпревари од Лигата на нации, а Миовски пред патот за Тбилиси смета дека тимот поседува квалитет за победа над Грузија.

„Во последниот период Грузија многу напредува. Сите го знаеме тоа. Тие го покажаа својот квалитет во второто полувреме на дуелот во Скопје. Мислам дека доколку во првиот дел постигневме гол тој натпревар ќе беше многу поинаков. Ни недостигаат клучни фудбалери, но ние што сме тука ветуваме дека ќе го дадеме максимумот. 

Знаеме каква атмосфера нè очекува. Грузија е во поповолна позиција и ѝ треба само бод за прво место. Затоа во нашите мисли е само победа. Добро го анализиравме противникот. Селекторот ни ги укажа слабите страни на противникот и тренираме како треба да нападнеме на дуелот во Тбилиси. Се надевам дека тоа што го тренираме, ќе го покажеме на самиот натпрева“, рече Миовски.

  • Комплетната изјава на Бојан Миовски:

На шест натпревари во шкотската Премиер лигата, Миовски постигна пет гола, a има и еден во Лига Купот.