Миовски: Ворнок ми рече дека местото ми е во Премиер, но јас сум фокусиран само на Абердин!

Македонскиот репрезентативец, Бојан Миовски, игра во животна форма за шкотскиот Абердин и сезонава веќе стигна до одлична бројка од дваесет постигнати погодоци. Нашиот центарфор е вистински предводник на својот тим, а деновиве двапати беше стрелец против големите гиганти од оваа земја, Глазгов Ренџерс и Селтик. 

Напаѓачот доби пофални зборови и од новиот тренер Нил Ворнок, кој рече дека одамна во Шкотска не видел таков играч како Миовски, а и самиот фудбалер вели дека му годат позитивните коментари од шефот на стручниот штаб. 

„Кога ќе ве пофали таков тренер како Ворнок, навистина чувството е пријатно. Се работи за легендарен стратег кој има огромно искуство во Премиер лигата, а воедно е и играчка легенда на многу англиски клубови.

Веднаш ми даде голема поддршка и рече дека играч со моите предиспозиции би можел лесно да се снајде и во англиската Премиер лига. Како вистински ментор, „ме приземји“, ми ги објасни нашите приоритети и јас во моментов сум фокусиран само на следниот натпревар“, рече Миовски во разговор за Gol.mk. 

Абердин во последно време ја крена формата и се вмеша во трката за пласман во плеј-офот, а Миовски е оптимистички расположен за остатокот од сезоната и најавува голема борба за што подобар пласман на табелата. 

„Ни следуваат неколку натпревари на домашен терен и ќе се соочиме со ривалите од долниот дел на табелата. Тука ја гледаме шансата за подобар пласман и обезбедување на учество во плеј-офот, а потоа сите опции се во игра и ќе пробаме да се носиме со најдобрите во шкотскиот Премиершип.

Не размислувам на ништо друго освен на следниот натпревар, јас секогаш се водам по девизата дека навивачите најмногу го паметат твојот последен настап. Се надевам дека со моите соиграчи ќе ги радуваме и во блиска иднина“, вели нашиот репрезентативец.  

Родениот штипјанец ја игра сезоната на кариерата. Логично беше да го прашаме и за очекувањата на личен план, а Миовски одговори во манир на голем професионалец и вели дека би сакал да стигне до уште подобра голгетерска бројка, но најважно му е клубот да бележи успеси. 

„Секако дека сакам на секој меч да постигнувам голови. Тоа е работа на секој офанзивец, па и мојот случај не е исклучок. Имам 20 голови сезонава и би сакал уште повеќе да го подобрам учинокот, но најважен ми е тимот и резултатите што ги бележиме. Кога играте добро, има интерес од поголеми клубови, но јас имам договор со Абердин на уште две години и во моментов со мислите сум само во Шкотска“, ни рече првиот стрелец на тимот. 

Бојан Миовски се пресели во Шкотска минатото лето и бргу стана миленик на навивачите во Абердин. Македонецот стигна во Премиершип од унгарскиот МТК и оттогаш настапи на вкупно 61 меч и досега постигна 36 голови. Со добрите игри може да се вмеша во трката за најдобар стрелец во шкотската елита, каде во моментов е на второто место со 13 голови, четири помалку од напаѓачот на Хартс, Лоренс Шенкланд.