ВИДЕО: Миовски со деби во ПЛ на славниот „Селтик Парк“, Абердин без лек за шампионот

Фудбалерите на Селтик тргнаа во поход на одбрана на титулата со триумф од 2-0 (1-0) против Абердин во првото коло на шкотската Премиер лига. За жал, македонскиот репрезентативец Бојан Миовски доживеа пораз во премиерниот првенствен настап за новиот клуб. „Келтите“ не дозволија изненадување, со по еден гол во двете полувремиња го решија дуелот во своја корист. 

  • Извештај од натпреварот: 

Само три минути им беа потребни на домаќините да дојдат до предност. Дефанзивецот Стефен Велш беше највисок во скокот и по центаршут од корнер на Орајли стрелаше за 1-0. Ниту по постигнатиот погодок Селтик не отстапи од офанзивата, правеше шанси и се закануваше, меѓутоа мрежите мируваа. Во првиот дел можност за гол имаше и Миовски, но упати благ удар по средината од голот. 

Второто полувреме тргна исто како што заврши првото, со нови закани на Селтик, овојпат преку Хатате. Предводникот на Абердин, Гудвин посегна по клупата и во 62. минута го замени Миовски со Дук. Темпото на игра остана исто, Селтик беше подобар и дојде до втор погодок на 15 минути пред крајот, откако Жота со одличен удар постигна ефектен гол за 2-0. 

Абердин и Миовски ќе мора да побараат шанса за бодови следниот викенд, во домашната пресметка со Сент Мирен, додека Селтик патува кај Рос Каунти.