Миовски: Сезоната во Џирона не беше успешна, но сум имал и потешки моменти во кариерата!

Македонскиот репрезентативен напаѓач, Бојан Миовски, немаше сезона од соништата во шпанската Џирона, а тоа особено беше видливо во вториот дел, кога најчесто остануваше на клупата за резерви и не добиваше шанса за настап. 

Миовски беше доведен како големо засилување од шкотскиот Абердин, но постигна само четири гола на 22 одиграни мечеви за шпанскиот прволигаш кој настапуваше и во групната фаза од Лигата на шампионите. 

Во подолго интервју за порталот „Rg.org", нашиот центарфор за првпат проговори за случувањата во Џирона, но и општо за целата дебитантска сезона во Примера. 

„Бев во добра форма после репрезентативната пауза во март, постигнав неколку голови и асистирав за Македонија, па затоа сакав тоа да го пренесам и на клупско ниво. Мислев дека ќе добијам шанса, но тренерот одлучи нешто поинакво. Јас имам добар однос со него и ги почитувам неговите решенија. 

Сум минал и потешки моменти во кариерата, имаше време кога воопшто не играв во Македонија и ги гледав мечевите од трибините. Никогаш не ја загубив самодовербата и знаев дека можам да напредувам. Знам дека немав сезона од соништата, промашив и пенал на дебито во Лигата на шампионите, но и тоа се случува. Очекував да играм многу повеќе, ќе видиме што ќе донесе следната сезона“, изјави Миовски. 

Џирона плати сума од околу 7,5 милиони евра за нашиот репрезентативец. Миовски претходно настапуваше за шкотскиот Абердин, каде стана вистинска клупска легенда и постигна 42 гола во само две сезони.

Комплетното интервју на Миовски за „RG“ можете да го прочитате на следниот линк.

ФОТО/PHOTO: Girona FC