• Саше Љолес

Екипата на Абердин забележа голема победа против најтрофејниот клуб во Шкотска, Глазгов Ренџерс. Тимот на нашиот Бојан Миовски славеше со 2-0, а македонскиот репрезентативец уште еднаш се запиша во листата на стрелците, постигнувајќи го шеснаесеттиот гол сезонава во Премиершип.
23-годишниот штипјанец игра извонредна прва сезона во Шкотска и неговиот голгетерски учинок е навистина одличен. Со оваа голема победа над славниот Ренџерс, Абердин се зацврсти на третата позиција на табелата која гарантира директно учество во групната фаза од Лига Европа догодина.
Gol.mk стапи во контакт со голгетерот на „рисовите“ и поразговара за доживувањата од вчерашниот натпревар, како и за атмосферата на трибините. Миовски вели дека чувството е незаборавно и навистина е среќен за постигнатиот гол кој ја запечати победата на својот тим.
„Секогаш е одлично кога ќе се даде гол, а уште подобро на ваков важен натпревар затоа што Абердин од 2016 година чека победа против Ренџерс. Овој триумф не е случаен затоа што имаме седум победи во низа и тимот навистина игра во одлична форма. Ренџерс „ни налета“ во вистински момент, почувствувавме дека можеме да стигнеме до голем резултат.
Атмосферата на стадионот беше неверојатна. Дефинитивно најдобра до сега. Стадионот едноставно „грмеше“ од првата до последна минута. Овде народот живее за вакви денови, затоа што Ренџерс е најлутиот ривал на Абердин. Беше прекрасно и среќен сум што го израдувавме целиот град.
Оваа победа беше многу важна и за тоа трето место. Ја одржуваме разликата од пет бода во однос на четвртопласираниот Хартс и тоа ни дава уште поголем мотив да се задржиме тука и по истекот на последните 90 минути сезонава. Учеството во групната фаза во Лига Европа би било круна на нашата сезона, исполнета со многу интересни и возбудливи мечеви. Се надевам дека ќе го продолжам мојот моментум и голгетерскиот учинок уште повеќе ќе се зголеми. Сакам секогаш да му помогнам на тимот, без исклучоци. Аберин ме прифати одлично, а јас сум пресреќен што сум дел од овој славен клуб“, заврши талентираниот Бојан Миовски.
Македонскиот голгетер е во солидна форма и можно е до крајот на сезоната да ја „прескокне“ границата од дваесет постигнати голови во најсилното шкотско фудбалско натпреварување. Миовски е во одлична форма, на нешто помалку од два месеци пред претстојните квалификациски мечеви за Европското првенство. Македонската репрезентација во јуни ќе одигра два натпревари, против Украина и фаворитот Англија.