• Саше Љолес
Македонскиот репрезентативен центарфор, Бојан Миовски, има одлична сезона во шкотскиот Абердин и блеска на индивидуален план со вкупно 22 постигнати голови во сите конкуренции.
Иако тимот не ги бележи посакуваните резултати, нашиот Миовски е единствена светла точка и за него интересот расте со секој изминат ден. Тренерот Нил Ворнок многу пати го пофали Македонецот и рече дека е најдобриот напаѓач со кого работел во кариерата, а медиумите на Островот често шпекулираат околу неговата иднина и евентуалното заминување од Шкотска.
Gol.mk поразговара со Миовски на неколку теми, а нашиот напаѓач беше искрен и рече дека е задоволен од неговиот учинок, но жали што формата на тимот е во надолна линија.
„Оваа сезона за мене е најуспешна во досегашната кариера и навистина сум задоволен од мојот учинок, но жалам што тимот во последно време не ги бележи посакуваните резултати. Имам голема желба да оствариме успех со Абердин, многу го сакам овој клуб и имам уште две години од важечкиот договор.
Ми годи кога слушам дека има интерес за мене и знам дека еден ден можеби ќе заминам, но фудбалот е секогаш непредвидлив и не се знае што може да се случи. Ми одговара островскиот фудбал и мислам дека соодветно се адаптирав на овој стил. Постои интерес за трансфер, но не би сакал ништо да зборувам предвреме. Летото не е далеку, па ќе видиме што ќе се случи во преодниот рок“, изјави Миовски.
Бојан Миовски пристигна во Абердин пред почетокот на минатата сезона од редовите на унгарскиот МТК. Славниот шкотски клуб за него плати 615.000 евра и овој трансфер се покажа како полн погодок, затоа што нашиот репрезентативец досега постигна 29 првенствени голови.