ВИДЕО: Миовски не можеше сам на „Ајброкс“, Абердин падна во полуфиналето на Купот

Фудбалерите на Абердин беа исфрлени во полуфиналето на Лига купот на Шкотска од гигантот Глазгов Ренџерс со 2-1 (1-1). На „Ајброкс парк“ своја вечер имаше Бојан Миовски, кој во првото полувреме успеа двапати да стрела, меѓутоа првиот гол беше поништен. Во продолжението домашните се вратија и направија пресврт. 

Првпат штипјанецот успеа да погоди во 17. минута од натпреварот, а тогаш ВАР-собата реагираше и го поништи голот. Во финишот на полувремето Миовски имаше повеќе среќа, мудро избегна офсајд и доби колосална шанса од Кенеди, па рутински стрелаше за 0-1 во 41. минута. 

Во второто полувреме Рајан Џек успеа да донесе израмнување за својата екипа во 61. минута. Во финишот исклучен беше Стјуард, па Абердин беше со човек помалку за продолженијата. Веднаш на стартот Руфи успеа да го комплетира пресвртот, па Глазгов Ренџерс рутински дојде до победата и закажа финале против Селтик.