Миовски и Димитриевски ќе бидат македонската гордост во шпанската Примера

По подолго време, трансфер-периодот во шпанската Примера беше многу интересен и за македонската спортска јавност. Нашата држава повторно ќе има два претставника во елитното шпанско натпреварување, а тоа се Столе Димитриевски и Бојан Миовски

Репрезентативната „единица“ ја промени средината после цели шест години во Рајо Ваљекано и од оваа сезона ќе го гледаме на голот на Валенсија, додека Бојан Миовски го направи трансферот на кариерата и пристигна во екипата на Џирона за сума од 8 милиони евра. 

Напаѓачот имаше феноменална етапа во шкотски Абердин и минатата сезона постигна 26 гола во сите конкуренции, додека Димитриевски беше незаменлив меѓу стативите на Рајо и лани впиша 39 настапи за тимот од Ваљекас. 

Од Миовски се очекува да биде вистинска замена за Украинецот Артем Довбик, кој минатата сезона беше најдобар стрелец во лигата, а за Димитриевски се ослободува просторот во Валенсија откако стана извесно дека заминува досегашниот голман, Ѓорѓи Мамардашвили

Ова се секако убави вести и за селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, кој сигурно ќе смета на двајцата фудбалери, од кои се очекува да го поведат националниот тим кон нови успеси во Лигата на нации и квалификациите за Светското првенство во 2026 година. 

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.