• Горан Упале

Бојан Миовски, поради повеќе причини не успеа да ги преслика одличните игри од Абердин во дресот на репрезентацијата на Македонија, но само што се врати во Шкотска – повторно блесна.
На дуелот со Килмарнок, нашиот најдобар напаѓач постигна два гола за својот Абердин, со што стигна до бројката од седум и сега е на второто место во листата на стрелците во Премиер лигата.
„Моја цел е да бидам најдобар стрелец во лигата. Секој напаѓач го сонува тоа. Кога останатите напаѓачи постигнуваат голови, тие ме тераат да играм подобро. Стилот на игра на Абердин ми одговара многу повеќе од оној во претходниот тим и уживам на теренот. Беше убаво што се вратив со два гола, но можев да постигнам повеќе.
Сакав да постигнам хет-трик, но патував многу со репрезентацијата изминатите денови и тренерот не сакаше да ризикува. Одлично беше и тоа што одиграв 65 минути“, рече Миовски.
Поефикасен од Миовски во шкотската Премиер лигата досега е само напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Чолак со осум гола.