Минус девет бода за Воска, жестоки казни за тренерот и за Нефи Усеини!

Воска Спорт се казнува со одземање на девет бода од вкупниот број на освоени бодови во тековната натпреварувачка сезона и парична казна од 2.500,00 евра поради напуштање на натпреварот со Вардар во рамки на 28. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Незадоволни од судењето, играчите и стручниот штаб на клубот се повлекоа од мечот со Вардар. Протестираа за гол кој подоцна се покажа како регуларен, па скапо ќе го платат неоправданиот потег со кој практично си пресудија и се пред портите на Втората лига.

Изречена е казна и за Нефи Усеини, претседателот на Воска Спорт, кој се казнува со забрана на вршење на функција во траење од две години и парична казна во износ од 1.500,00 евра. Дисциплинската мерка е исречена поради наговарање, односно повикување за повлекување на екипата на Воска на натпреварот против Вардар. 

Суспензија доби и тренерот на Воска Спорт, Арбри Клодиан, кој е казнет со две години забрана за вршење функција, додека капитенот на Воска Спорт, Агон Хани, мина најлесно и доби казна од еден месец.

Тимот исто така се казнува со парична казна во износ од 5.000 евра поради слаба организација на натпреварот во рамки на ПМФЛ.