• Иван Димовски

Навивачите на Шкендија ја исвиркаа химната на Македонија во финалето на Купот против Силекс (1-0). Овој потег наиде на сериозна осуда, а се очекува постапка против клубот за однесувањето на фановите.
На темата се огласи и Министерството за спорт, на чело со министерот Борко Ристовски. Освен тоа, осуда има и за однесувањето на фудбалерите кои не сакаа да ги примат медалите за поразениот во финалето.
Соопштението на Министерството за спорт ви го пренесуваме во целост:
„Министерството за спорт најостро ги осудува свирежите на националната химна од страна на навивачите на Шкендија, но уште повеќе нè загрижува однесувањето на играчите кои одбија да ги примат медалите по завршувањето на натпреварот.
Во последниов период имаше повеќе настани што доаѓаат од повеќе страни (спортски работници, фудбалери, навивачи, клубови) кои штетат на угледот на федерациите, државата и, крајно на спортот, наспроти она што треба да претставува спортот!
Би сакале да ја известиме јавноста, но и сите страни кои се вклучени директно или индиректно во клубовите, дека Министерството за спорт пристапува кон разгледување на можноста за измени во Законот за спорт со кои ќе ги прошириме ингеренциите на државата со цел ваквите појави да бидат сериозно санкционирани.
Казните ќе бидат во делот на добивањето државна помош, а во крајна линија ќе се предвиди и постапка за одземање на решенијата за дејност спорт, со што ќе се губи правото на настап во националното првенство.
Воедно, ја повикуваме и Фудбалската федерација на Македонија да го промени својот првилник кој би бил многу поригорозерн во санкционирањето на нарушувања од секаков вид.
Согласно сите меѓународни правни инструменти за што сите земји во светот имаат постигнато општ консензус, ваквите и слични девијантни појави не смеат да бидат секојдневие во спортот, вклучително и во македонскиот спорт и во таа насока, Министерството за спорт ќе направи сè за да ги заштити националните интереси и интересите на спортот.
Сите, без исклучок, мора да ги почитуваат правилата пропишани со меѓународните конвенции и останатите меѓународни акти кои се однесуваат на спортот, правилата на државите кои спортот го уредиле да функционира во една легална рамка со сите елементи на државноста и, секако, правилата на националните спортски федерации кои го спроведуваат националниот систем на натпревари“.
Шкендија може да се соочи со казни поради однесувањето на навивачите, но и поради играчите.

