Минимална победа за Работнички на навидум лесното гостување во Сан Марино

Еден од најуспешните македонски клубови на европска сцена, Работнички, во Скопје се враќа со минимална победа од навидум лесното гостување во Сан Марино кај тимот на Тре Пене. Момците на Треневски одиграа сосема солиден натпревар, имаа далеку поголем посед на топката, создадоа неколку изгледни шанси за гол, а тоа вроди со плод дури во самиот финиш, кога во 90. минута гол за победа постигна Деан Митрев.

Првата можност за водство „романтичарите“ ја имаа во 28. минута, кога Трајчески одлично проби по десната страна, упати силен удар, но само покрај десната статива на противникот. Пред самиот крај на првите 45. минути Дурански изведе фантастичен слободен удар, но Мигани со крајни напори успеа да интервенира и да ја отстрани опасноста пред својот гол. Единствената шанса домаќините ја имаа на стартот на вториот дел, кога Симончели биеше прецизно, но Шишковски прекрасно одбрани. 

Вториот дел не донесе некое поголемо возбудување и кога се очекуваше дека мечот ќе заврши без победник, Деан Митрев во 90.минута постигна гол, кој на крај значеше победа за македонскиот претставник.  

Реванш дуелот помеѓу Работнички и Тре Пене е закажан за по една седмица, а ќе се одигра во Скопје во тренинг комплексот „Петар Милошевски“.