ВИДЕО: Минимален труд за максимален ефект - Тричко најавува нова победа

Македонија се наоѓа на половина пат од уште една победа, втора во групата од Лига Ц на Лигата на нации. По првиот дел во Скопје, нашиот изменет тим води против Естонија со 1-0, со подобар втор дел полувремето. 

Ангеловски се одлучи за офанзивен тим, со Трајковски, Елмас. Тричковски и Несторовски во офанзивата, а без Пандев, Адеми и Димитриевски од тимот кој славеше во Тбилиси. Вторпат во репрезентативната кариера капитен беше Иван Тричковски. Во 12. минута Шишковски ја испушти нафрлената топка, веројатно и под фаул, но Мец се обиде со удар преку себе да го изненади и биеше преку голот. 

Две минути подоцна романскиот помошен судија погреши при сигнализацијата на недозволена позиција од Тричковски, во ситуација во која фудбалерот на АЕК Ларнака избиваше сам пред противничкиот гол. Во 22. минута Естонците ја имаа најзрелата шанса, Креира биеше силно од работ на казнениот простор, но Шишковски одби во поле. Во 25. минута Тричковски постигна гол за водство, по одбиената топка од гостинскиот голман по ударот на Николов, но истиот оправдано беше поништен заради недозволена позиција.

По половина час испитување на силите и бавен ритам, новиот капитен Иван Тричковски го постигна својот шести гол во дресот со државниот грб и донесе предност во претпоследниот натпревар од групата. Со акробација преку себе, по додавањето од Спировски, фудбалерот на АЕК Ларнака погоди ефектна дијагонала и го отвори резултатот (1-0).

Само три минути по водството, Тричковски со глава биеше од непосредна близина, по центаршутот на Елмас, но Хајн му го одбрани централниот обид со глава. Првиот дел заврши со шансата на Сапинен, кој се обиде со лоб удар да го изненади Шишковски, но го префрли голот. 

Со малку повеќе труд Македонија на одмор замина со предност, иако не играше добро во текот на целото прво полувреме. Единствена лоша вест се жолтите картони на Николов и Спировски, кои нема да играат в среда во Никозија против Ерменија.