Минхен е подготвен за нов европски спектакл, Клоп повторно против својот кошмар

Баерн Минхен Ливерпул

Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вечерва ќе се врати во Германија и повторно ќе се соочи со еден од своите најголеми кошмари во кариерата, Баерн Минхен.

Токму Баварците го скршија срцето на Германецот и неговата Борусија Дортмунд во финалето од Лигата на шампионите во 2013 година. Првиот натпревар на „Енфилд“ не донесе победник, а ниту погодок во било која од двете мрежи. Тоа значи дека денешното дерби на „Алијанц Арена“ ќе започне од „нула“.

Малата повреда го натера Наби Кеита да не отпатува за Минхен за вечерашната средба. Кај тимот на Нико Ковач ќе изостанат суспендираните Џошуа Кимих и Томас Милер, а исто така нема да заиграат Арјен Робен и Корентин Толисо поради повреди. Баерн се очекува да започне со Џејмс Родригез во офанзивната линија.

Статистиката вели дека дури 68% од тимовите кои одиграле 0-0 на домашен терен во првиот меч се пласираше во следната фаза (21 од 31). Германскиот првак има лош учинок во претходните осум дуели со „црвените“ на кои запишал само една победа. Во последниот двомеч на европска сцена, Ливерпул го елиминира Баерн со повеќе постигнати погодоци на гостински терен.

Англискиот гигант се наоѓа во лоша серија од четири порази во низа на гостувањата во Лигата на шампионите. Денес најмногу ќе се очекува од Роберт Левандовски кој постигнал 23 гола на 22 меча пред домашната публика, дури девет во нокаут фазата.

Шансите за пласман во четвртфиналето се изедначени, а обложувалниците им даваат мала предност на баварските фудбалери, најмногу поради фактот што играат на домашен терен.

Мечот ќе започне во 21:00 часот, а главен судија ќе биде Даниеле Орсато од Италија.