• Саше Љолес
Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина одлучи да му даде доверба на Саво Милошевиќ и тој останува селектор на репрезентацијата до плеј-офот во Лигата на нации.
Репрезентативците на БиХ имаат уште една шанса за пласман на континенталниот собир, а Управниот одбор на федерацијата одлучи да го испочитува договорот со Милошевиќ, кој истекува во месец март.
„Разговаравме со селекторот Милошевиќ и се договоривме со него уште кога знаевме дека сѐ е загубено во квалификациите. Последните натпревари требаше да бидат увертира за мартовскиот плеј-оф во Лигата на нации и соработката со него продолжува најмалку до истекот на договорот“, стои во краткото соопштение од Управниот одбор.
Саво Милошевиќ е дури трет селектор на БиХ во период од само три години. Пред него националниот тим го предводеа Мехо Кодро и Фарук Хаџибегиќ, но не ги забележаа очекуваните резултати. Босна и Херцеговина никогаш досега не учествуваше на Европско првенство, а еднаш настапи на Мундијалите, поточно во 2014 година.