Милито зборуваше за Мурињо: Тој најдобро знае како да води колектив...

Милито Мурињо

Навивачите на Интер долго ќе се сеќаваат на таа сезона 2009/10, кога Жозе Мурињо го носеше тимот кон тројна круна. „Нераyурите“ се радуваа во Серија А, а исто така и во Лигата на шампионите, каде ја елиминираа Барселона на Пеп Гвардиола и во финалето беа подобри од Баерн Минхен.

Историскиот успех неодамна го коментираше херојот на финалниот меч во Мадрид, Диего Милито. Аргентинскиот ветеран во најголемиот меч во кариерата постигна два гола и се запиша во историјата на тимот од Милано.

Според него, најзаслужен за овој успех на Интер е „специјалниот“ Жозе Мурињо.

„Мурињо е феноменален, еден од најдобрите тренери во историјата. Научив многу од него за само една година, особено за тоа како да се води еден колектив. Имам толку многу анегдоти за таа најдобра сезона. Се сеќавам на финалето во Лигата на шампионите ... сè беше тивко, имаше тензија во соблекувалната, а потоа Мурињо го направи тоа што најдобро знае и смирено нè подготви на вистински начин“, вели поранешниот аргентински репрезнтативец.

Во таа генерација фудбалери беше и нашиот Горан Пандев. Македонскиот фудбалер беше дел од финалето и одигра 79 минути, а потоа му го препушти местото на Сулеј Мунтари.

Милито пристигна на „Џузепе Меаца“ на 30 години од екипата на Џенова. Во единствената сезона под палката на Мурињо, Аргентинецот постигна дури 30 погодоци.