Милитао: Во тој момент мислев дека сум во бесознание, ја знам причината за тоа! 

Вчера, европскиот гигант Реал Мадрид го претстави своето најново засилување за следната сезона. Бразилецот Едер Милитао пристигна на „Сантијаго Бернабеу“, но на презентацијата му се слоши и мораше да ја прекине прес-конференцијата по само две прашања. 

Утрово, 21-годишниот дефанзивец ја разјасни непријатната ситуација и ги откри причините за своето нарушено здравје. 

„Имав долг лет од Бразил, а потоа веднаш заминав на медицински прегледи. Потоа заминав на стадион, а таму веќе ме чекаа неколку активности. На крај дојде прес-конференцијата. Во цел овој хаос не успеав ништо да јадам, а кога ме совлада тремата пред новинарите, се случи тоа што се случи. Во тој момент мислев дека сум во бесознание“, рече Милитао. 

Пред да пристигне талентираниот Бразилец, Реал Мадрид ги претстави Родриго, Лука Јовиќ, Еден Азар и Ферланд Менди.