• Саше Љолес

Екипата на Лацио потешко од очекувањата успеа да слави над аутсајдерот Кремонезе со 3-2 и се искачи на второто место на калчолигашката табела. Сергеј Милинковиќ-Савиќ беше херојот на домаќините, Србинот постигна два гола, а особено значаен беше вториот, кој беше победоносен за неговиот тим.
- Извештај од натпреварот:
Првото полувреме започна одлично за домашниот состав. „Лацијалите“ имаа повеќе од играта и беа во подобар ритам од Кремонезе. Елсид Хусај рано го отвори резултатот и домашните водеа со 1-0 по само четири минути игра, а на 2-0 зголеми Сергеј Милинковиќ-Савиќ со голот постигнат во 37. минута од мечот. На полувремето Лацио водеше со солидни 2-0.
Во второто полувреме домашните навивачи помислија дека нивните миленици рутински ќе го доработат натпреварот, но сепак Кремонезе направи големо изненадување и комплетно се врати резултатски. Најпрво Пабло Галдамеш намали на 2-1 во 54. минута, а само четири минути подоцна Лазари си постигна автогол и Кремонезе успеа да израмни на 2-2.
Гостинската екипа одамна беше јасно дека ќе испадне од Серија А, но сепак се претстави во одлично светло на денешниот меч на „Олимпико“ во Рим. Лацио притисна силно и се трудеше со сите сили да стигне до победата, а тоа им успеа во 89. минута кога Србинот Милинковиќ-Савиќ со својот втор гол ја донесе победата за домаќините и ги постави конечните 3-2.
Лацио сега избива на второто место со 71 бод и сигурно ќе игра во Лигата на шампионите догодина, додека Кремонезе остана на своите 24. бодови и следната сезона повторно ќе се натпреварува во Серија Б.