Милевски: Можеме против секого, во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартиja

Македонската репрезентација ќе се надигрува со Италија во баражот за Мундијалот во Катар. Нашиот национален тим ќе мора да оствари чудо, ако сака да победи на два натпревари во март наредната година.

Селекторот Благоја Милевски изрази почит за противникот, кој е актуелен владетел на стариот континент.

„Италија е актуелен европски првак. Имаме голема почит за противникот и за нивниот селектор Роберто Манчини. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и како тренер. Сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија. Под негово водство, сведоци сме на една нова, модерна фудбалска Италија која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Играат сосема поинаков фудбал, тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас се разбира, но мора да се прилагодуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети, нѐ случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар.

Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен може да се спротивстави на секој противник, се разбира дека ќе ни недостасува поддршката од публиката, но околностите не можеме да ги менуваме. Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија. Сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но на терен за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот и ќе се потрудиме тоа да го потврдиме“, смета селекторот. 

Доколку ја победиме Италија, во финалето ќе се соочиме со подобриот од мечот Португалија - Турција. Тоа ќе биде уште еден тежок предизвик за нашата репрезентација.