Милевски: Тешко беше да се анализира Бугарија, ама имаме јасна цел и стратегија

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе го одигра последниот натпревар од третото издание на Лигата на нациите, на националната арена „Тодор Проески“ против Бугарија. Пред „рисовите“ е јасна задача, победа над соседите за обезбедување на второто место, а со тоа и малку подобра позиција во следната ждрепка за квалификациите за Европското првенство.

На прес-конференцијата на ден пред натпреварот се обрати селекторот Благоја Милевски

„Промени дали ќе има не би говорел. Очекувам како и на секој натпревар да се потрудиме да победиме. Што ќе донесе играта ќе видиме. Момците се спремни да покажат дека незаслужено загубивме во Тбилиси.

Што се однесува до Бугарија, ја анализиравме, но со многу проблеми. Тие имаат нов селектор и многу нови играчи, а тоа е непознаница. Сепак, ние мора да се концентрираме на нашата игра. Само тројца од првиот меч се тука, а особено и младите играчи кои првпат се во составот, поседуваат квалитет, јас гледам на тоа како противникот функционира како тим. Ни претставува мал проблем бидејќи немаме многу материјал за анализа, но коцентрацијата и фокусот на нашата работа не се сведува само на кратки патеки. Имаме стратегија, тоа е создавање на тим кој ќе биде конкурентен во наредните 4-5 години. Здравствениот билтен ќе биде појасен по денешниот тренинг кој претстои. Што се однесува до теренот, тој не е во многу добра состојба. На мое барање стадионот триесет дена не се користеше.

Да бидеме јасни, политиката е на страна, ние сме спортски работници и не интересира само тоа. Мора да најдеме начин да победиме на теренот. Јас по дуелот во Бугарија се заблагодарив на домаќинот за дочекот, а од наша страна ќе биде вратено тоа тука. Нè интересира само спортскиот аспект. Цврсто сум убеден во мојот личен став и на федерацијата дека гледаме само на спортот. И јас ја повикувам публиката да биде фер и коректна“, изјави Милевски. 

Македонија има бод повеќе од Бугарија, па со тоа може да си дозволи и нерешен исход на овој натпревар. За жал, шансите за првото место и пласманот во плеј-офот беа загубени на гостувањето кај Грузија во Тбилиси.

Пресметката меѓу Македонија и Бугарија е закажана за утре (понеделник) со старт во 20:45 часот.