Милевски: Немам коментар за пеналите, тоа е работа на ВАР и судиите!

Македонија со два спорни пенали доживеа пораз од Чешка (1-2), а по натпреварот селекторот Благоја Милевски пред медиумите даде коментар на мечот. Нашиот предводник на А-тимот истакна дека е задоволен од реакцијата во второто полувреме, а на Чешка ѝ посака успех на ЕП 2024.

„Впечаток од натпреварот - честитки за моите момци, посебно за одиграното второ полувреме. Имавме некои корекции кои ги направивме на полувремето во кое не функциониравме како што треба. Жалам што не почнавме да играме малку порано на таков начин, ни фали самодовербата со топката во нога уште. Кога ќе сумираме се, секоја чест за одиграното, честитки до Чешка и ѝ посакувам успех на ЕП.

Кажав и пред натпреварот дека не очекува многу различен ривал од нашиот претходен. Играта на Чешка се базира на трка и на сила, на тоа требаше да одговориме. Во поголемиот дел од мечот сум задоволен како одговоривме на тоа, но кога имавме посед, требаше да бидеме малку похрабри“, изјави Милевски.

Селекторот беше резервиран и за двата спорни пенали кои ги добија Чесите.

„Немам коментар тука, тоа е работа на ВАР и судиите. Не би сакал да ги коментирам пеналите“. заврши тој.

Македонија покрај што загуби од Чешка, доживеа пораз и на гости кај Хрватска. Натпреварите за националниот тим продолжуваат во месец септември.