Милевски: Не се навраќам на минатото, дојдовме во Тбилиси да победиме!

Селекторот Милевски никогаш немал толку многу проблеми за составување на тимот како пред овој двомеч од Лигата на нации против Грузија и Бугарија. Освен голманската позиција, каде што сигурен е Столе Димитриевски, сите други делови од тимот се непознаници.

Многу работи ќе бидат појасни по официјалниот тренинг на стадионот „Борис Пачадѕе“ во Тбилиси, но стартниот тим ќе се знае пред самиот почеток на натореварот, утре попладне.

На официјалната средба со новинарите Милевски рече:

„Се концентрирам како ќе функционира нашиот тим и како ние ќе функционираме против тим. Поединците се важни, но тимот е поважен. Квича е во добра форма, но и тој не може ништо сам да постигне. 

Македонија имаше одлични квалификации за Светско првенство и во баражот, но за жал овој циклус на Лига на нации го почнавме со проблеми поради повреди и морав да го менувам тимот, иако не планирав. Продолжуваме со таа транзиција во тимот и ова е можност да се увериме во квалитетот на помладите фудбалери. Сепак, мора да потенцирам дека сме конкурентни и додека постојат и најмали шанси, ќе се обидеме да ги искористиме. 

Никогаш не се навраќам на минатото, па ни на натпреварот против Грузија во Скопје. Дали се поквалитетна селекција од нас ќе покаже времето. Играат поразличен фудбал од претходно, но подготвени сме да ги исправиме грешките од Скопје. Ако не мислиме дека можеме да победиме, не би ни дошле тука. И во Скопје заслуживме повеќе, но фудбалот е таков и не победува секогаш подобриот. Дојдовме тука утре да победиме“.

Македонија има само еден пораз во официјален натпревар од Грузија, и тоа оној пред два месеци во Скопје со 0-3. Грузијците со децении не загубиле убедливо на домашен терен, иако во претходниот домашен натпревар одиграа само 0-0 против Бугарија.