„Не мислам на нов договор и на тоа што ќе биде понатаму!“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, очекувано, доби прашање и за неговиот договор со Федерацијата, кој истекува на крајот на месец ноември. 

Предводникот на нашите „рисови“ со дипломатски одговор порача дека во моментов е фокусиран само на најважниот натпревар во квалификациите - против Велс во Кардиф. 

„Јас сум под договор со Фудбалската федерација на Македонија до крајот на ноември и максимално сум фокусиран единствено на Велс и Летонија, и ништо друго…. Не размислувам за тоа што ќе биде понатаму, се е во функција на тимот“, изјави Милевски. 

Со оглед на добрите резултати и историската серија од 14 официјални натпревари без пораз, за очекување е дека актуелниот селектор ќе добие нова соработка. Секако, последниот збор го имаат челните лица во Фудбалската федерација на Македонија.