Милевски: Момците покажаа како треба да се однесуваш кон националниот дрес

Македонската младинска репрезентација извојува уште една победа пред настапот на историското Европското првенство во Полска. Во Скопје совладани беа врсниците од Бугарија (1-0), со што Благоја Милевски остана без пораз на домашен терен како селектор на У21-репрезентацијата, а по мечот изјави: 

„Уште пред мечот знаевме дека ќе се соочиме со силна репрезентација. Бугарија поседува извонредни фудбалери во средината и во нападот, такви какви што нè очекуваат на ЕП во Полска. Овој меч ни послужи како проверка на одредени играчи и нивните способности, особено за оние кои немаа поголема минутажа на квалификациите. Дефинитивно од овој натпревар ќе извлечеме многу позитивни работи кои ќе ни служат во иднина. Морам да им честитам на моите фудбалери за одиграната игра, покажаа карактер и мислам дека тоа не е лесно после толку позитивни работи и атмосферата што се создаде по пласманот на ЕП. Тие се вратија на феноменален начин и покажаа како треба да се однесуваш кон националниот дрес. Посебно ова важи за оние шестмина кои се вратија од А-селекцијата и тие на најдобар начин го положија овој испит“, вели Милевски. 

За нашите фудбалски надежи овој натпревар против Бугарија најверојатно ќе биде последен контролен пред настапот во Полска.