Милевски: Македонија се прашува за изгледот на табелата во групата!

Македонија во октомври ја очекуваат два предизвици во Лигата на нациите, а селекторот Благоја Милевски го објави списокот на фудбалери на кои ќе смета. Нема изненадувања во изборот на предводникот за октомвриските мечеви. 

Стандардно на прес-конференција Милевски го анализира својот избор и зборуваше за предизвиците кои следат.

„Што се однесува до списокот, за жал пак имаме некои повреди кои беа непланирани. Трапановски нема да игра поради повреда на тренинг. Ќе мора да паузира четири до шест седмици. Се надевам Трајковски ќе биде фит и ќе ни биде на располагање. За жал Дарко Велковски нема клуб и жалам што не е во посакуваната форма. Не сум задоволен од статусот на Елези во тимот на Бохум. Тој е професионалец и ќе даде сè од себе да се наметне во клубот. Потребен ни е таков играч, беше со нас на минатите собир. Имавме проблеми со дефанзивата, особено со жолти картони и поради тоа е повикан Стојчевски за да биде дел од ротацијата. Останатите се надевам дека ќе бидат здрави пред се, а потоа и способни да се стават во функција на тимот. Сум го кажал ова многу пати и стојам зад оваа теза, во моментов ми е најважно здравјето на фудбалерите. Не можеме да зборуваме за натпреварувачка форма, тимот го градиме веќе три години и не сме во позиција да го менуваме секој собир. Тие фудбалери кои се повикани се најдобри во моментот, без разлика за формата. Секогаш се тука за Македонија и тоа е најважно и на прво место за моментот.

Нè очекуваат уште четири меча, секој од нив е подеднакво важен. Сега играме на гости со Летонија и Ерменија. Ме радува фактот и се надевам така ќе остане, дека сè зависи од нас. Македонија се прашува за изгледот на табелата во оваа Лига на нации. Ќе бидеме задоволни ако и по овој собир бидеме на првото место, каде што сме сега“, изјави Милевски. 

По првите две кола Македонија е водечка во групата со четири бода пред Ерменците и Летонците кои имаат по три. Мечевите во октомври можат да бидат клучни во битката за првото место.

Собирот на репрезентативците е закажан в понеделник во 13:00 часот во хотелот „Хилтон“, а попладнето ќе се одржи и следниот тренинг. Патувањето кон Летонија е закажано за осми октомври (вторник).