• Иван Димовски
Фудбалската репрезентација на Македонија слави клучна победа во Лигата на нациите, откако и со црвен картон во вториот дел успеа да го скрши отпорот на Ерменците во Скопје (2-0). Зајков пред паузата беше исклучен, а храбрите македонски фудбалери не отстапија од офанзивниот пристап. Тоа резултираше со два погодоци, преку Барди и Миовски за конечен триумф на нашиот национален тим, веројатно против главниот ривал за првото место.
По натпреварот, на прес-конференцијата зборуваше селекторот Благоја Милевски. Тој нагласи дека е горд на своите фудбалери и ја посочи важноста на одиграниот натпревар.
„Фудбалаерите уште еднаш покажаа и докажаа дека со право се тука. Секоја чест за нив и капа доле. Напоменав и на вчерашната прес-конференција, овие момци познавајќи ги како карактери многу години, секогаш кога имале притисок на себе и кога морале, биле на висина на задачата и над тоа. Уште еднаш покажаа дека сум во право и уште еднаш секоја чест.
Направивме корекции по црвениот картон, формациски и во играта. Што да им кажам на вакви фудбалери, освен да веруваат во сопствениот квалитет и дека можат да победат. Кажав и на почетокот на оваа Лига на нации, пред мечот со Фарски Острови и сега ќе кажам дека нè очекуваат шест подеднакво важни дуели. Не значи дека по денешната победа ќе бидеме први, нè очекуваат уште четири меча. Како ќе завршиме во ноември ќе видиме, се надевам на првото место. Секој натпревар е посебна приказна за себе, историјата не мора да значи ништо за следните предизвици.
Ни недостигаше енергија во првиот натпревар, особено во првиот дел. Кога направивме корекции, изгледавме добро и според планот, дадовме гол и не реализиравме шанси. На денешниот меч го имавме тој момент на агресивност, решителност и самодоверба во дефанзива и при организација на напад. Натпреварувачката форма не ми е ниту малку важна, ако сите играат вака и се тука за Македонија без оглед на ситуацијата во клубовите“, изјави Милевски.
Македонија во октомврискиот циклус на репрезентативни натпревари ќе има две гостувања, прво во Летонија (10 октомври), а потоа и клучниот меч кај Ерменија (13 октомври).