• Мартин Танасковски
Македонија не остави позитивна слика на контролниот дуел против Летонија во Скопје, кој беше увертира за мечот против Велс во Кардиф и битката за второ место на табелата во циклусот за СП 2026. Празното реми без голови ја разочара публиката, но според селекторот Благоја Милевски, нема место за паника и истакна дека е задоволен од борбеноста која ја видел.
„Сè што си поставивме како цел за овој натпревар, освен победата, беше исполнето. Сакав да видам како ќе изгледа екипата во нова формација, со нови тактички задачи и во ситуации на кои досега не сме работеле. Од таа перспектива сум навистина задоволен. Жал ми е што условите за игра не беа подобри. Се надевам дека наскоро ќе се направат напори да играме на поквалитетен терен, за да бидеме поефикасни во завршницата. Во тие последни моменти, во третата фаза од нападот, кога противникот е поставен во густ блок, потребно е прецизно завршно додавање, а денес против Летонија тоа го немавме. И покрај тоа, создадовме неколку шанси, но не успеавме да ги реализираме. Честитки за двата тима, и за Македонија и за Летонија. Задоволен сум, сите фудбалери, без разлика дали се стандардни или влегуваат од клупа, ја оправдаа довербата. Тоа ми дава сигурност дека можам да сметам на секој од нив“, изјави селекторот Благоја Милевски.
Натпреварот меѓу Велс и Македонија се игра на 18 ноември. Нашиот национален тим го чека епилогот од дуелот меѓу Лихтенштајн и островската селекција, за да има јасна слика дали реми или само победа над ривалот ќе ја однесат по полесен пат да игра бараж за Мундијалот.












