• Саше Љолес
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, се огласи по повод групата која „рисовите“ ја добија во квалификациите за Светското првенство во 2026 година.
Предводникот на нашиот национален тим смета дека Македонија добила група која носи надеж за добри резултати и се надева дека добрата атмосфера од Лигата на нации ќе може да се пренесе во мундијалските квалификации.
„Извлекувањето во Цирих ни носи надеж, добивме група со селекции против кои можеме да играме и да се надеваме на добар пласман. Белгија е голем фаворит, таа е една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не го освои првото место во групата.
Велс е одлична репрезентација која негува брз и динамичен фудбал. И тие имаат свои пресметки за конечниот пласман, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин.
Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификации, но секој почеток дава нова надеж и за условно кажано, помалите репрезентации во групата.
Ние мораме да го задржиме пристапот од Лигата на нации и силно мотивирани да влеземе во овој циклус. Ќе дадеме максимум од нашите можности и ќе се обидеме да обезбедиме пласман на уште едно големо натпреварување“, изјави Милевски.
Македонија беше извлечена во групата Ј, заедно со селекциите на Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Квалификациите за следниот Мундијал ќе започнат во март следната година.