Милевски: Базата на тимот ја имаме, сега помладите треба да се наметнат

Репрезентацијата на Македонија ќе ги одигра првите официјални средби по бараж натпреварите за пласман на Мундијалот во Катар, победата над Италија и поразот од Португалија. Предводникот на селекцијата, Благоја Милевски веќе го објави списокот на играчи за јунските дуели. 

<<< - ПОВРЗАНО - Македонија без Адеми и со три дебитанти ќе тргне во Лигата на нациите

Сер Боби повика три нови имиња, Фазлагиќ, Гроздановски и Димоски, му даде поштеда на Аријан Адеми, а не го сврсти во својот избор ветеранот Адис Јаховиќ. По објавениот список, стандардно селекторот го објасни својот избор. 

„Базата на тимот веќе ја имаме со фудбалерите кои ги одиграа натпреварите за пласман на Светското првенство, но нашата цел е тројцата нови фудбалери во составот Димоски, Гроздановски и Фазлагиќ да донесат одредено освежување во репрезентацијата.

Шанса за потврда на својот потенцијал и квалитет ќе добијат сите и низ подготовките и натпреварите, помладите фудбалери треба да покажат дека можат да бидат важен дел од репрезентацијата во нашите натпревари од квалификациите за Европското првенство, чија ждрепка е закажана во октомври.

Јас се надевам на многу позитивни работи во периодот што ни следува, иако распоредот ни наметнува четири меча, а фудбалерите завршија со клупски активности. Дел од нив како последица од напорната сезона и бројот на одиграни натпревари нама да бидат во комбинација за настап за натпреварите кои ни следуваат, а ќе видиме каква е ситуацијата со дел од играчите кои имаат повреда и дали ќе бидат во можност да настапат“, изјави Милевски. 

Новото издание на Лигата на нациите, Македонија ќе го отвори со гостувања кај Бугарија и Гибралтар, а потоа следат домашни пресметки со Грузија и реванш со Гибралтарците.

Распоредот поради Светското првенство на крајот на годината е немилосрден, па избраниците на Милевски за десет дена ќе одиграат четири пресметки.