Милеска: Фудбалот ме научи многу, стоте меча за Македонија ми се доказ за тоа

„Повеќе жени, повеќе голови“ е слоганот на програмата за развој на женскиот фудбал што ја започна Фудбалската федерација на Македонија во 2021 година. Целта беше да се зајакне женскиот фудбал во кој еден од учесниците е Катерина Милеска, репрезентативка и актуелен селектор на младинската репрезентација.

Во интервју за интернет-страницата на ФИФА, таа говореше на повеќе теми за македонскиот фудбал. Вели дека програмите од ФИФА и УЕФА дале многу за женскиот фудбал во Македонија кој оди во нагорна линија и напредува.

„Женскиот фудбал во Македонија мина долг пат во последните години. Нашите У-17 и У-19 селекции се промовирани во групата А на УЕФА, а сениорскиот тим беше близу до бараж за Светско првенство. Сè на сè, развојната програма поставена за да го негува нашиот иден талент даде убедливи резултати“, вели Милеска.

35-годишната Милеска може да биде и судија и жири за женскиот мак-фудбал до одреден степен, велат од ФИФА. Таа е дефанзивец во националниот тим од 2009 година, а играчката улога ја комбинира со тренирање на женската репрезентација до 17 години, каде што беше назначена во 2021 година.

„Би погрешила ако кажам дека посветеноста е 50-50 затоа што тренерската работа сега стана мој приоритет. Таму е мојата иднина. Првично претпочитав да играм отколку да тренирам. Меѓутоа, како што одминуваше времето, се повеќе се вклучив во тренерската работа и научив многу. Морам да признаам дека сега повеќе уживам да бидам тренер и да учам за различните аспекти на фудбалот. Фудбалот ме научи многу како играч, а моите 100 натпревари за националниот тим се доказ за тоа. Како тренер, само што ја започнав кариерата. Но, чувствувам дека сум на вистинскиот пат. Уверена сум во моите можности“, додава Македонката.

Милеска доби можност да учествува во Програмата за менторство на тренери на ФИФА во 2022 година, што е иницијатива која на 20 жени од целиот свет им нуди шанса да учат од 20 искусни тренери. Како резултат на тоа, таа стекна драгоцено искуство од Влатко Андоновски, кој беше тренер на женската репрезентација на САД од 2019 до 2023 година.

„Оваа програма на ФИФА е најдоброто нешто што сум го доживеала како млад тренер. Да се ​​работи заедно со најдобрите тренери во светот е бесценето. Доаѓам од мала земја, така што таму немаме многу вакви можности. Научив многу работи од Влатко Андоновски, за тактиката, лидерството, мотивацијата и слично, сите основни вештини што му се потребни на еден тренер за да води тим на највисоко ниво“, вели Милеска.

Катерина Милеска мина низ многу македонски клубови во кариерата со кои стануваше шампион на Македонија и играше во квалификациите за Лигата на шампионите. Но, сега, во целост е посветена на тренерскиот занает, а преку младинскиот фудбал сонува еден ден да биде меѓу сениорите или сениорките.