Милер: Ни недостигаат играчи, но можеме да направиме пресврт со ПСЖ

На стандардната прес-конференција пред реванш натпреварот од четвртфиналето во Лигата на шампионите меѓу Баерн Минхен и ПСЖ, зборуваше еден од најискусните во германскиот табор, Томас Милер. 

„Ќе влеземе во натпреварот како во секој друг. Важно е да ги балансираме ризиците во индивидуалните дуели. Нема да одиме во целосна офанзива уште од стартот, но сакаме да дадеме ран погодок. Ќе бидеме среќни ако направиме шанси како во првиот меч. Мора да реагираме подобро во дадени моменти. Направивме анализи и имаме идеи.

За жал, ќе ни недостигаат играчи, но се чувствуваме ментално и физички спремни, а веруваме дека можеме да го свртиме резултатот“, изјави Милер. 

Баварците ќе бркаат разлика од еден погодок, ама ќе мора да дадат барем два погодоци, бидејќи ПСЖ им даде три како гостин во Минхен. Задачата за избраниците на Флик нема да е лесна, особено без Левандовски и Гнабри, но со сигурност нема да се предадат.