• Саше Љолес
Иднината на Лионел Меси на Светското првенство во 2026 година и понатаму е тема на бројни дискусии во фудбалската јавност. Своето мислење на оваа тема го изнесе и германскиот фудбалер Томас Милер, кој отворено изјави дека не е сигурен дали Аргентинецот ќе може да игра на највисоко ниво на следниот Мундијал.
Според Милер, евентуалното учество на Меси би било огромен плус за турнирот и за аргентинската репрезентација, но прашање е дали годините и физичката подготвеност ќе му дозволат да го издржи ритамот на едно Светско првенство.
„Би било многу интересно ако Меси игра на Мундијалот, бидејќи тој секогаш може да направи разлика. Но, не знам дали ќе може да игра врвен фудбал на тоа ниво“, изјави Милер.
Тој потсети дека неодамна имал можност да игра против Меси, каде што аргентинската ѕвезда повторно го покажа својот квалитет, но нагласи дека натпреварите на Светско првенство претставуваат сосема поинаков предизвик.
Меси сè уште официјално нема потврдено дали ќе настапи на Мундијалот 2026, кој ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, па неговата одлука и формата во наредните години ќе бидат клучни за тоа дали актуелниот светски шампион ќе се обиде да ја одбрани титулата со својот капитен на теренот.

