ВИДЕО: Милан знае рутински да победи и без Ибра, лесно се справи со Кротоне

Фудбалерите на Милан ја потврдија добрата форма и рутински славеа на гостувањето кај Кротоне со 0-2 (0-1), во второто коло од Серија А. Новајлијата во елитата немаше сили да ја загрози победата на фаворитот, кој иако без Златан Ибрахимовиќ кој е позитивен на ковид-19, лесно се справи со противникот и со по еден гол во двете полувремиња запиша три бода. 

  • Извештај од натпреварот:

„Росонерите“ беа подобар ривал и ја контролираа играта уште од самиот старт, но Кротоне добро се бранеше во воведните минути. Брахим Диаз, Анте Ребиќ и Хакан Чалханоглу не ги искористија своите можности да ја сместат топката во мрежата, а кога сите очекуваа на полувреме и на пауза да се оди без голови, Милан доби пенал. Ребиќ беше фаулиран во шеснаесетникот, а сигурен егзекутор на најстрогата казна беше Франк Кеси за 0-1 во втората минута од судиското надополнување.

Милан не му даде шанса на ривалот ниту да размислува за брзо израмнување, бидејќи веќе во 50. минута поведе и со 0-2 преку Брахим Диаз. Чалханоглу украде топка, го проигра Салемакерс, кој врати на пеналтикот и изнуди нова грешка од Чигарини. Играчот на Кротоне практично го проигра Диаз, кој убаво се загради и погоди од непосредна близина. 

Голем проблем за Стефано Пиоли беше повредата на Анте Ребиќ, кој со болни гримаси и во огромни болки го напушти теренот и најверојатно ја повреди раката или рамото. Хрватот незгодно падна и веднаш беше повлечен од игра, па шанса доби младиот Коломбо. Играта на Милан опадна и Кротоне имаше неколку полушанси, но Донарума го сочува својот гол. Круниќ и Коломбо можеа да погодат и за повисока победа до крајот на натпреварот.