ВИДЕО: Милан за едно полувреме го реши Торино и ќе остане лидер во Серија А!

Фудбалерите на Милан не го даваат врвот во Серија А и по 17 одиграни кола ќе останат лидери, откако вечерва рутински го победија Торино со 2-0 (2-0). Средбата одиграна на „Сан Сиро“ понуди две различни полувремиња, бидејќи „росонерите“ притиснаа и стигнаа до посакуваната предност, а потоа во вториот дел Торино напаѓаше, ама не стигна до погодок. 

  • Извештај од натпреварот:

Момците на Пиоли добро ја отворија средбата, тргнаа со доминантна игра и стандарден висок пресинг. Сепак, на првата шанса чекаа до 25. минута, која воедно беше и прв погодок во мрежата на Салваторе Сиригу. Брахим Диаз доби топка од Тео Хернандез, повлече напред и го проигра Рафаел Леао, а младиот напаѓач излета сам пред голот и лесно реализираше (1-0). 

Само седум минути подоцна, асистентот на првиот гол Брахим Диаз изнуди и пенал за својата екипа, а по ВАР проверки беше донесена одлука дека има прекршок. Сигурен егзекутор беше фудбалерот за врска, Франк Кеси, па од 36. минута на семафорот стоеше двојна предност (2-0). 

До паузата Торино се закани преку Родригез, кој од слободен удар ја затресе пречката, а Милан имаше и зицер преку Кеси, кој го одбрани Сиригу. 

Вториот дел им припадна на гостите од Торино, па по само пет минути игра судијата Мареска досуди пенал поради старт на Сандро Тонали. Сепак, по детално прегледување на снимката беше потврдено дека всушност играчот на Милан е тој кој прими удар и одлуката беше сменета. Торино се обидуваше на сите начини, Џампаоло ги искористи сите адути, но „биковите“ не успеаја да стигнат ниту до еден гол во мрежата на Донарума. 

За одбележување во финишот беше враќањето на Златан Ибрахимовиќ на теренот по пауза од повеќе од еден месец поради повреда.