ВИДЕО: Милан везеше против Рен, „магија“ на Леао и два гола на Лофтус-Чик за мирен реванш

Фудбалерите на Милан со една нога се во осминафиналето во Лигата на Европа. Гигантот од Италија вечерва демонстрира моќ против Рен и пред својата публика извојува убедлива победа од 3-0 (1-0).

„Росонерите“ сериозно пристапија на оваа средба, уште од самиот старт можеше да се забележи нивната желба за победа, а наградата за тоа пристигна во 32. минута, кога англискиот ас Рубен Лофтус-Чик со својот прв гол за Милан на меѓународна сцена донесе прва радост на трибините. Само што започна вториот дел поранешниот член на Челзи одново ја стресе гостинската мрежа и погоди за комотни 2-0 за својот тим. Но, она што го одбележа овој дуел е акцијата во 53. минута, по која Милан ги реши сите дилеми околу победникот.

Рафаел Леао прво со магична пета го проигра Тео Ернандез, а овој несебично со повратно додавање ја пронајде португалската ѕвезда, која со рутинска завршница ги постави конечните 3-0.

Екипата на Крабаг го приреди најголемото изненадување во вечерашната програма во Лигата на Европа, затоа што од гостувањето кај Брага си замина со убедлива победа од 2-4. На полувреме беше 1-1, додека во вториот дел за само петнаесет минути гостите од Азербејџан постигнаа уште три гола и со тоа си обезбедија голема предност во пресрет на реваншот. 

На останатите два натпревари победник немаше. Во Франција Ленс и Фрајбург одиграа без голови, а Бенфика и Тулуз постигнаа по еден гол.