Милан со 16-годишниот талент ќе го нападне Каљари

Младиот Франческо Камарда се очекува да биде стартер за екипата на Милан во саботниот дуел против Каљари во Серија А

Алваро Мората доби удар во главата на тренинг по судир со Страхиња Павловиќ, заврши во болница и поради мерки на претпазливост не е во комбинација за настап. Тоа му направи проблем на тренерот Паоло Фонсека бидејќи ниту Тами Абрахам не е целосно заздравен за да игра. 

Предводникот на „росонерите“ реши и соопшти дека нападот на Сардинија ќе го предводи младиот Франческо Камарда. 16-годишното момче редовно тренира со првиот тим, но настапува за Милан Футуро во Серија Ц. 

Абрахам нема да биде стартер. Ќе игра Камарда. За мене не е изненадување што ќе се најде во тимот, тој работи секој ден со нас многу професионално иако има 16 години. За мене играчите немаат години туку квалитет. Во овој момент Камарда е поподготвен од Абрахам, не се плаши од ништо и делува како да има 24 или 25 години. 

Минатата сезона Франческо Камарда исто така во недостиг на опции во нападот стана најмлад фудбалер кој заиграл во Серија А со 15 години и 260 дена. Сега ќе биде трет најмлад стартер на Милан во калчото. 

Сезонава тој заигра за „росонерите“ во Лигата на шампионите против Клуб Бриж, дури постигна и гол кој беше поништен поради недозволена позиција.