• Горан Упале
Милан сè уште е „жив“ во битката за скудетото. Во вечерашното миланско дерби момците на Масимилијано Алегри му зададоа нов удар на лидерот Интер и со победата од 1-0 (1-0) се доближија на седум бода негатива во однос на градскиот ривал. Воедно ова беше втора победа на Милан над Интер, откако и на првата овосезонска средба славеше со 1-0.
- Извештај од натпреварот:
Дербито започна со грешка на Зомер и возбудување пред гостинскиот гол. Швајцарскиот голман направи грешка при едно додавање, Пулишиќ додаде до Модриќ, а хрватскиот ветеран шутираше со лева нога, но топката заврши покрај левата статива.
Милан беше поконкретен и поофанзивен и во продолжението, а тоа вроди со плод во 35. минута кога Первис Еступинан донесе ерупција од одушевување на трибините на „Сан Сиро“. Наследниот на Тео Хернандез доби прецизно додавање во празно од Фофана и од неколку метри биеше силно и неодбранливо за Зомер за водство на Милан од 1-0. И покрај предноста „росонерите“ не отстапија од офанзивниот фудбал, а тоа можеше да им донесе уште најмалку еден погодок, но шансите на Салемакерс и Фофана не завршија на посакуваната место.
Домаќинот прв се закани и во вториот дел, но Рафаел Леао уште еднаш докажа дека сезонава игра под очекувањата и е далеку од својата најдобра форма. Само четири минути подоцна возбудување и пред голот на Милан – шутираше Ди Марко, но топката профучи покрај стативата. Следуваше период со многу грешки на двете страни, а ништо ново не донесоа ниту замените на двајцата стратези. Интересен момент се случи во самиот финиш, кога Ди Марко изведе корнер од десната страна и топката некако влезе во мрежата на домаќинот, но голот не беше признат затоа што главниот судија претходно ја прекина играта. На крај бодовите завршија на контото на Милан, кој со оваа победа останува во шампионската трка во Серија А.
Во следното коло Интер на свој терен ќе го пречека тимот на Аталанта, додека Милан гостува во Рим кај Лацио.




