ВИДЕО: Милан ја испрати Верона во Серија Б и се врати во игра за ЛЕ

Тимот на Милан, во првиот натпревар од 36. коло на Серија А, на својот „Сан Сиро“ славеше сигурна победа против Верона со 4-1 (2-0) и повторно се искачи на позиција која носи место во Лига Европа и воедно го испрати противникот во Серија Б заедно со Беневенто.

Натпреварот беше од важност и за двата тима, за „росонерите“ за битката за Европа, а за тимот на Верона за обезбедување на опстанок. Сепак, избраниците на Гатузо беа подобар ривал и на крајот сосема заслужено освоија важни три бода.

Победата ја најави Чалханоглу со прекрасен гол од работ на шеснаесетникот уште во 11. минута, а до крајот на првиот дел погоди и Кутроне, за комотни 2-0 по првите 45 минути. На стартот на вториот дел Абате зголеми на 3-0, а почесниот гол за Верона го постигна Ли во 85. минута. Конечните 4-1 беа дело на Борини, кој во 90. минута ја искористи прекрасната асистенција од Бонавентура.

Вечерва на програмата е и дуелот меѓу Јувентус и Болоња, а со победа „старата дама“ ќе се доближи до освојување на нова титула.