Милан Ристовски: Пресреќен сум за трофејот во Купот, испишавме историја со Спартак!

Македонскиот фудбалски репрезентативец Милан Ристовски, кој настапува за екипата на Спартак Трнава, вчера вторпат во низа триумфираше во Купот на Словачка, откако по продолженија славеше против гигантот Слован Братислава со 3-1. 

Милан Ристовски влезе во игра во 72. минута од натпреварот и одигра нешто над педесетина минути. Фудбалерот, анализирајќи го финалето за Gol.mk, рече дека е пресреќен од постигнатиот успех. 

„Како што знаете, успеавме втора година по ред да се закитиме со трофејот во Купот на Словачка. Овој успех за Спартак е голем, затоа што двапати успеавме да славиме против гигантот на словачкиот фудбал, Слован Братислава. Тоа е „европска“ екипа, со многу силен ростер, а ние успеавме да ги израдуваме нашите навивачи кои во огромен број присуствуваа на вчерашниот натпревар. Повеќе од 15.000 фанови го прославија трофејот во Купот, а славјето од стадионот се пресели во центарот на градот. 

Морам да признаам дека на моменти не верувавме дека можеме да го повториме ланскиот успех, но сепак успеавме да донесеме голема радост во Трнава. Прославата продолжи и во ноќта, Трнава е мало гратче, но луѓето овде уживаат во фудбалот и многу го сакаат својот клуб. Публиката е темпераментна и секогаш на стадионот има убава енергија. Тие се наш дванаесетти играч и многу сум среќен за нив, затоа што овој успех никој не успеал да го направи во последните сто години.

Никој порано не го освоил Купот две сезони по ред, а се надевам дека и догодина ќе успееме да се закитиме со уште еден трофеј. Во моментов сме трети на табелата, до крајот на првенството има уште три кола, па ќе видиме каков ќе биде нашиот конечен пласман. Лично јас сум презадоволен и сакам оваа наша убава приказна да продолжи и во иднина“, заклучи репрезентативниот напаѓач.

25-годишниот Милан Ристовски пристигна во Спартак Трнава во сезоната 2020/21. Оваа година Македонецот четири пати се запиша во листата на стрелците, а забележа и три асистенции. Тој е еден од адутите во нападот на селекторот Благоја Милевски и го очекуваме во солидна форма за претстојните предизвици во евро-квалификациите. „Рисовите“ во јуни играат два тешки натпревари против Украина и фаворитот во групата, репрезентацијата на Англија.